Вучиќ разговараше со Ескобар за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина
Ескобар: Побаравме одлуката за табличките да се одложи за десет месеци
Вучиќ рече дека Србија е целосно посветена на продолжување на процесот на дијалог и решавање на отворените прашања меѓу Белград и Приштина и ја истакна важноста од спроведување на досега потпишаните договори во Брисел и почитување на меѓународното право, соопштија од претседателскиот кабинет. Ескобар вчера при посетата на Приштина побара од косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Аљбин Курти да ја одложат одлуката за замена на регистарските таблички. „Не е тајна дека побаравме подолг период на имплементација и побаравме уште 10 месеци. Би сакал ова да се случи. Ова не е барање само на САД, туку и на сите големи пет земји. И тоа е затоа што ние се земјите кои најмногу го поддржуваат Косово“, рече Ескобар.