Полицијата и демонстрантите се судрија на протести во Иран
Демонстрантите повторно се судрија со безбедносните сили на 28 октомври во Захедан, град во југоисточниот дел на Иран.
Во Иран неколку недели се одржуваат протести по смртта на 22-годишна жена, приведена од полицијата за морал.
Десетици луѓе беа убиени во судирите во Захедан пред четири недели за време на антивладините протести, а групата Иран за човекови права со седиште во Осло соопшти дека луѓето во Захедан повторно се собрале по петочната молитва на 28 октомври и скандирале против владата.
Активистите објавија видеа на социјалните мрежи на кои се прикажани демонстранти во градот кои повикуваат на смрт на „диктаторот“ врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи и милицијата Басиј, која одигра голема улога во задушувањето на демонстрациите.
Безбедносните сили во Захедан, наводно, употребиле насилство врз демонстрантите, а очевидци пријавиле истрели од огнено оружје.
Иранците и пркосат на репресијата по повод 40 дена од смртта на Махса Амини
Новинската агенција за активисти за човекови права со седиште во САД соопшти дека безбедносните сили пукале врз демонстрантите.
Не е можно да се потврдат тврдењата или автентичноста на видеата.
На 28 октомври имало протести и во некои други градови во провинцијата Систан и Белучистан.
Групите за права велат дека најмалку 215 луѓе се убиени за време на протестите откако 22-годишната девојка Махса Амини, почина на 16 септември додека беше во полициски притвор за наводно неправилно носење хиџаб, односно шамија на глава.
Канцеларијата на ОН за човекови права на 28 октомври изрази загриженост за односот на Иран кон приведените демонстранти и рече дека властите одбиле да ги предадат телата на дел од убиените.