Османи: да не и забележуваме на Фон дер Лајен за лапсусот „северномакедонци“
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во одговор на новинарско прашање денеска изјави дека треба да се биде коректен и да нема реакција на изјавата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која нè нарече „северномакедонци“. Притоа тој рече дека таа била коректна за време на целата прес-конференција што ја одржа во Скопје во однос на јазикот и другите идентитетски атрибути.
Скопје ќе добие 80 милиони евра грант од ЕУ за енергетската криза - Фронтекс потпишан на македонски јазик
„Да имате фокус на претседател на Европска Комисија, на Влада на најголемата економија во светот. Да доаѓа секој месец во една мала држава, нешто што го посакуваат големите држави во Европската Унија, да ја имаат Фон дер Лајен во нивните земји и да покаже таков интерес. Да има такви прес-конференции по однос на тоа што нас ни е важно, во однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици, дека припаѓаме таму и да направи еден лапсус од тоа да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, а не знам дали ќе го имаме постојано“, рече Османи на денешниот брифинг со медиумите. Според него, европските прашања се од голема важност и оти мора да се направи општествен договор дека до 2030 година земјата ќе стане членка на ЕУ.