Собранието даде зелено светло за прераспределба на неискористените буџетски средства
На денешната седница собранието донесе Одлука неискористените средства од државни институции да бидат пренаменети за други цели, односно онаму каде што е најпотребно.
Така, средства ќе се пренаменат за ЕСМ – за домашно производство на енергија и надминување на последиците од енергетската криза, потоа за редовно финансирање на политичките партии, за финансиска поддршка на МЖ Транспорт, за уредување на ТИР-зоните.
Владата најави поевтина струја за фирмите за стабилизирање на цените на храната
Исто така дополнителни средства ќе има за мерки за контрола и искоренување на болеста африканска чума кај свињите, за електрична енергија за хидросистемот на Дојранско Езеро, за набавка на технологија за управување со отпад.
Европски пари за иновативни општини
Со прераспределбата ќе се обезбедат и дополнителни средства за дотации од приходите од ДДВ за општините, односно дополнителни 0,5 отсто од наплатениот ДДВ во претходната година, распределен во два нови дополнителни дела – 0,25 отсто за дел за перформанси и 0,25 отсто за дел за воедначување, согласно последните измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
Со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, што беше изгласана денеска во Собранието, се прераспределуваат вкупно 5,15 милијарди денари, обезбедени по основ на заштеди на ставки што не се приоритетни и каде има помала реализација од планираната, како и од средства што не се реализирани во програми согласно механизмот КАПЕФ.
Пратениците претходно гласаа да се донесе Законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија, за спроведување на Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021- 2027 година.
Како што појасни вицепремиерот за европски прашања и национален ИПА-координатор Бојан Маричиќ со потпишување на Спогодбата се отвора патот за потпишување на Финансиските спогодби во рамките на ИПА III, меѓу кои и Финансиската спогодба за програмата од 2021 година, која ако не се потпише до крајот на оваа година, ќе значи губење на можноста за користење на повеќе од 100 милиони евра веќе дефинирани проекти.