ЕУ ја прошири листата на санкциите кон Мјанмар
ЕУ денеска донесе одлука со која ги продолжи своите санкции против хунтата во Мјанмар, насочени кон уште 19 поединци и ентитети, вклучително и министер и судија. Мерките против Мјанмар беа објавени од Европскиот совет поради „континуираната ескалација на насилството и тешките кршења на човековите права по военото преземање пред две години“.
Судот во Мјанмар ја осуди Аунг Су Чи на три години затвор за изборна измама
Ова е петти пакет санкции на ЕУ за оваа земја од југоисточна Азија, под воена управа од 2020 година, кога војската организираше државен удар против цивилната влада предводена од Аунг Су Чи, која сега е во затвор под обвинение за корупција, која Европа ја оценува како лажна.
ЕУ ја осуди пресудата за поранешната лидерка на Мјанмар
Мјанмар се наоѓа во политички превирања за време на хунтата, која се соочува со широк вооружен отпор и одговори со брутална акција.
Локална организација за заштита на човекови права соопшти дека 2.300 луѓе се убиени во последните две години, додека ОН проценува дека еден милион луѓе се раселени.
Најновите санкции се насочени кон министерот за инвестиции и надворешни економски односи на Мјанмар, Кан Зав, како и кон главниот судија на Врховниот суд и високи воени претставници. Наведени беа и функционери од изборната комисија и деловни луѓе кои ги претставуваат фирмите поврзани со хунтата.
Вкупно, 84 поединци и 11 ентитети во Мјанмар сега се под санкциите на ЕУ, кои вклучуваат визни забрани и замрзнување на имотот во Европската унија.
Претходните задржани санкции вклучуваат ембарго на оружје и на опрема што може да се користи за шпионирање на комуникациите.
„ЕУ е длабоко загрижена од континуираната ескалација на насилството и еволуцијата кон долготраен конфликт кој се прошири низ целата земја и има регионални импликации“, се вели во соопштението на Европскиот совет.
Се додава дека ќе стори сé што е можно за да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за „кршењето на човековите права, воените злосторства и злосторствата против човештвото“ по пучот.