Светското население надмина осум милијарди жители
Денеска светската популација ќе ја надмине бројката од осум милијарди жители, според официјалната проценка на Обединетите Нации. ОН смета дека тоа е „важна пресвртница во човековиот развој“, потсетувајќи на заедничката одговорност за зачувување на планетата Земјата.
ОН процениле дека зголемувањето на населението е без преседан, бидејќи во 1950 година имало 2,5 милијарди луѓе, а порастот на населението е резултат на „постепеното зголемување на животниот век благодарение на напредокот постигнат во медицината, здравјето, исхраната и личната хигиена“.
Растот на населението, исто така, претставува огромен предизвик за најсиромашните земји, каде што има најмногу луѓе, пренесува агенцијата Франс прес.
Прагот од осум милијарди ќе биде надминат за време на Конференцијата на ОН за климата (COP27) која се одржува во Египет. Тој состанок сведочи за тешкотиите на богатите земји кои се најодговорни за глобалното затоплување и сиромашните земји кои бараат помош од последиците од емисиите на стакленички гасови, оценуваат ОН.
Што најновата наука на ОН кажува за климатските промени?
Повици за акција на Самитот за клима во Египет
ОН соопштија дека Индија, земја со 1,4 милијарди жители, ќе стане најнаселена во светот во 2023 година, надминувајќи ја Кина а во следните децении би требало да доживее на нејзиното урбано население пренаселени мега-градови и недостаток на основна инфраструктура.
Во Бомбај, околу 40 отсто од населението живее во сиромашни квартови, често во импровизирани бараки, од кои повеќето немаат вода, електрична енергија и санитарни услови.
Се додава дека до 2050 година повеќе од половина од населението ќе биде од само осум земји - Демократска Република Конго, Египет, Етиопија, Индија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Танзанија. До крајот на векот трите најнаселени градови во светот ќе бидат африканските Лагос во Нигерија, Киншаса во Конго и Дар ес Салам во Танзанија, додаваат ОН.