Турција најави прекугранични операции во Сирија против курдските милитанти
По смртоносната експлозија на бомба викендов во Истанбул, Турција планира да гаѓа цели во северна Сирија по завршувањето на прекуграничната операција против забранетите милитанти на Курдистанската работничка партија (ПКК) во Ирак, изјави висок функционер за Ројтерс.
Владата ги обвини курдските милитанти за експлозијата на авенијата Истиклал во Истанбул во неделата, во која загинаа шест лица, а повеќе од 80 други беа повредени. Тие негираа вмешаност во нападот.
Заканите од курдските милитанти или таканаречената Исламска држава на Ирак и Левант кон Турција се неприфатливи, рече претставникот, додавајќи дека Анкара „на овој или оној начин“ ќе ги регулира заканите долж нејзината јужна граница, пренесе Ројтерс.
Турција изврши три упади во северна Сирија против сириската курдска милиција ЈПГ, за која вели дека е крило на ПКК.
Турција уапси осомничена за нападот во Истанбул, ПКК негира дека се вмешани
Вчера турската полиција соопшти дека е уапсена главната осомничена за поставување на бомбата во чија експлозија на 13 ноември беа убиени шест луѓе, во центарот на Истанбул. Полицијата додаде дека се работи за курдски милитанти.
Експлозијата во неделата се случи на авенијата Истиклал, популарна пешачка зона со со продавници и ресторани што води до плоштад Таксим.
Покрај главната осомничена до сега се приведени на сослушување најмалку 46 други лица.