Најмалку седум жртви во „терористички напад“ во Иран
Најмалку седум лица загинале, а 10 се повредени во „терористички напад“ на 16 ноември во југозападниот ирански град Изех, соопштија иранските државни медиуми.
Тие го опишаа инцидентот како „терористички напад“, додека загинатите ги нарекоа „маченици“. Државните медиуми објавија дека меѓу убиените е и 9-годишно момче.
Но, активистите и роднините на момчето ги обвинија безбедносните сили за неговото убиство, за време на протестите поради смртта на младата Махса Амини, во притвор на 16 септември. Протестите кои траат со недели се интензивираа на третата годишнина од крвавите немири во ноември 2019 година поради поскапувањата на горивата.
Според опозициските активисти, на 16 ноември биле убиени „голем број“ демонстранти во Изех, за што ги обвинуваат безбедносните сили на Исламската Република.
Во меѓувреме, официјалната владина новинска агенција ИРНА објави соопштение во кое тврди дека екстремистичката група Исламска држава (ИД) ја презела одговорноста за нападот во Изех.
Сепак, мониторинг службата Би-Би-Си соопшти дека некои поддржувачи на групата Исламска држава сметаат дека соопштението е лажно.
Подоцна, државната новинска агенција ИРНА ја отстрани изјавата без да понуди никакво објаснување.
Противниците на Исламската Република ја обвинуваат владата дека се обидува да го оттргне јавното мислење од протестите.
Официјални лица во Иран ги обвинија западните влади и разузнавачките служби за немирите, кои беа предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини додека беше во полициски притвор за наводно прекршување на кодексот на облекување во врска со тоа како носела шамија.