Нуредини - Пречистителната станица за отпадни води во Скопје е во финална фаза
Пречистителната станица за отпадни води во Скопје е во финална фаза, изјави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини, повикувајќи ги и локалните власти да го завршат својот дел од работата.
„Се надевам дека потребните активности во овој дел ќе ги реализираат и институциите на локално ниво зашто повеќе од јасно е дека ако немаме пречистителна станица, не можеме да бидеме членка на ЕУ“, укажа министерот.
Нуредини додаде дека делегацијата на ЕУ усвоила проект за канализација и во општина Кичево кој наредната недела би требало да се потпише, а поминала и согласноста за пречистителна станица во општина Битола.
Додека институциите се координираат Скопје може да остане без пари за Пречистителна станица
Политичките препукувања за местенка на тендерот за пречистителната станица во Скопје го забавија изборот на фирма што ќе гради објектот.
Инаку, скопската пречистителна станица, треба да се простира на површина од 13 хектари, на левиот брег на реката Вардар кај Трубарево и да има капацитет за опслужување 500.000 жители.
Според планот, на годишно ниво, ќе третира 51,3 милиони м3 непреработена отпадна вода и ќе покрие девет од десетте скопски општини. Со неа конечно треба да се реши горливиот проблем со загадувањето на реката Вардар чија вода не смее да се употребува за ништо без претходна обработка.