Државниот врв задоволен од изградбата на патишта на истокот на Македонија
Градежните работи се одвиваат со задоволителна динамика за овој период од годината, и до овој момент имаме 96 проценти реализација, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавно претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми беа на увид на делницата Крупиште – Кочани, што претставува втора фаза од изградбата на новиот експресен пат Штип – Кочани.
Премиерот истакна дека со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани и додаде дека во источниот дел на државата резултатите од работата биле особено видливи.
„Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион. Модерната патна инфраструктура е важна и за граѓаните и за компаниите, но и за новите инвеститори. Новите инвестиции значат и нови, подобро платени работни места, а за тоа да се случи, квалитетните патишта се еден од предусловите. Затоа и изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени. Изминативе пет години, Владата изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри“, се пофали Ковачевски.
Министерот Бочварски оцени дека со изградбата на експресниот пат до Кочани се подигнува животниот стандард на преку 170 илјади жители од Источниот регион, а директорот на ЈПДП, Рустеми истакна дека експресниот пат е со висок квалитет на градба.
Инвестицијата во делницата Крупиште-Кочани во должина од 13,7 километри изнесува 18,2 милиони евра. Првата делница од Штип до Крупиште е во функција од пред две години. Вкупната должина на целиот експресен пат е 28 километри, а инвестицијата чини 37,3 милиони евра.
Според минатогодишните најави, целиот потег треба да е готов до декември годинава. Во моментот, како што информираше Рустеми, се поставува сигнализација, осветлување и се асфалтира последниот километар од делницата.