Лажни се дојавите за бомба во скопските основни и средни училишта
Лажни се дојавите за бомби во двете основни училишта, и девет средни училишта потврдуваат од МВР. Во вкупно 11 скопски училишта денеска беа евакуирани учениците и вработените од кои девет средни и две основни училишта по дојави за поставена бомба.
Дојавите за поставени бомби биле испратени на електронските пошти на средните училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.
Евакуирани осум скопски училишта по дојави за поставена бомба
Лажна дојава за поставена бомба за прв пат денеска имаше во основните училишта „Кочо Рацин“ на Водно во општина Центар и во „ Петар Поп Арсов“ во Карпош 4.
„На 01.12.2022 година околу 15:20 часот добиена е пријава и од едно основно училиште дека на електронската адреса на училиштето стигнала закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.
Од општината Центар велат дека откако на мејл адреса на основното училиштето „Кочо Рацин“ е упатена закана за поставена експлозивна направа, веднаш е пријавено во Министерството за внатрешни работи, по што полициски службеници веднаш го евакуирале училиштето.
„Преземени се сите мерки и антитерористички проверки, при што утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Ова е прва дојава за бомба во основно училиште“, се наведува во соопштението .