Ковачевски - Платите ќе се усогласуваат со минималната
Со Буџетот за 2023 предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција.
Премиерот вели дека се предвидени зголемувања на платите во образование, како и зголемувањето на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година.
За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени, вели Ковачевски.
Ковачевски наведе дека се обезбедени средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост итн.
Претседателот на Владата информираше дека за плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра, а за здравството како систем се планирани 685 милиони евра.
Од синдикатите во земјава претходно реагираа дека во Буџетот нема пари за усогласување на платите со порастот на минималната плата.
Сојузот на синдикати (ССМ) денеска соопшти дека е прифатен амандманот предложен од нив, а поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за зголемување на платите на администрацијата за 15 проценти.
Сега преостанува амандманот да се потврди од уште една собраниска комисија, Законодавно-правната комисија.
„Пратениците од СДСМ за жал и овој пат не гласаа, како што не гласаа или гласаа против за амандманот на ССМ за усогласување на сите плати со порастот на минималната плата со што уште еднаш ги изневерија работниците“, соопшти ССМ.
Минималната плата годинава беше покачена на 18 илјади денари, но требаше да се усогласат и другите плати со неа.