МВР демантира дека имало закани и напад на полицајци во Арачиново
Комплетна дезинформација се објавите дека полициски службеници биле нападнати во општина Арачиново, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) по извршените детални проверки од страна на СВР Скопје и Одделот за внатрешна контрола.
„Од извршените проверки е утврдено дека на 30.11.2022 тројца полициски службеници запреле возило „фолксваген“, управувано од малолетник, но не ги презеле потребните службени дејства, за што против нив се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка, а во извршените службени разговори тројцата полициски службеници негираат дека било кој им се заканувал или вршел притисок врз нив“, соопшти МВР.
Полицијата апелира пред да се проверат фактите да не се објавуваат дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните.
Дел медиуми на 1 декември објавија дека во скопско Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето, според овие наводи, упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.
Во врска со случајот, во полиција се повикани 17 годишник и неговиот татко од село Сарај, скопско. Малолетникот го појаснил стореното дело. Тој ќе одговара зошто управувал возило без возачка дозвола, а неговиот родител ќе одговара за тоа што го дозволил тоа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска при посетата на Бутел говорејќи за МВР предводено од Оливер Спасовски, рече дека криминалците од Арачиново се шерифи во овој град, зошто добиваат заштита од МВР. Тој најави дека ќе ја разгледаат и можност за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.