Обезбедени пари за парното до крајот на јануари, ќе има гас за топланите во декември
Владата обезбедила 30,8 милиони евра за грејната сезона, пари кои се доволни до крајот на 2022 и за јануари 2023. Потоа ќе се прават пресметки уште колку пари ќе требаат за следните четири месеци – од јануари до крајот на април, најави денеска Васко Ковачевски, директорот на АД ЕСМ.
Покрај преземањето со закуп на топланите Исток и Запад, ЕСМ дополнително е задолжено и го презеде управувањето на АД Скопје Север за да се обезбедат финансиски средства и природен гас за неа и да нема прекин во испорака на топлинска енергија за околу 500 семејства и 13 институции во тој дел на Скопје.
Ковачевски вели дека сметките и цените ќе останат исти, нема да има промени ниту во плус ниту во минус, односно граѓаните и натаму ќе добиваат топлинска енергија по субвенционирана цена затоа што разликата кај топлинската енергија е значително повисока од разликата кај електричната енергија.
Доцнењето на сметките за парно, рече тој, е од технички причини поради новиот софтвер што ќе ја вкалкулира и субвенцијата од државата, па граѓаните нема да добијат камати или опомени за плаќање.
Притоа информираше дека за декември е обезбеден природен гас за сите топлани.