Лидерите на ЕУ го потврдија кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина
Шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската унија (ЕУ) на денешниот состанок го потврдија кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина.
„Европскиот совет ги поддржува заклучоците на Советот од 13 декември 2022 година за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација и се согласува на Босна и Херцеговина да и се додели статус на земја кандидат“, се вели во заклучоците усвоени од лидерите на ЕУ.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на својот профил на Твитер им честиташе на граѓаните на Босна и Херцеговина за потврдувањето на кандидатскиот статус.
„Силен сигнал до луѓето, но и јасни очекувања од новите власти за спроведување на реформите“, рече Мишел во твитот на 15 декември.
Тој додаде дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија.
Министрите за Европа уште на состанокот одржан на 13 декември, донесо одлука за кандидатурата, а денеска практично се официјализира кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина.