Почина српскиот фудбалски тренер Синиша Михајловиќ на 53 години
Поранешниот фудбалер, а потоа фудбалски тренер, Синиша Михајловиќ почина денеска на 53 години, потврди Фудбалскиот сојуз на Србија.
Михајловиќ беше дел од шампионската генерација на белградска Црвена Ѕвезда, која го освои Европскиот куп во 1991 година, а потоа настапуваше во италијанското првенство.
Во последните години беше тренер во италијанската Серија А, на клубови како Милан и Болоња.
Михајловиќ, кој замина од тренерската позиција во Болоња во септември, поради лошиот старт на сезоната, неколку години имаше здравствени проблеми. Во 2019 година, тој соопшти дека се лекува од леукемија.
„Фудбалот прерано остана без неговото величество, шампионот на Европа и светот, еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата на фудбалот, играч, тренер и селектор, човек кој со својата кариера остави длабока трага во историјата на српскиот и италијанскиот фудбал“, соопшти Фудбалскиот сојуз на Србија.
Михајловиќ постигна еден од решавачките пенали по ремито без голови против Олимпик Марсеј во 1991 година, по што Црвена Ѕвезда за прв пат ја освои европската титула.
Во 1994 година заминува за Италија, каде што игра за Рома, Сампдорија, Лацио и Интер. Со Лацио и со Интер беше првак на Италија.
За репрезентацијата на Југославија одигра 63 меча и постигна 10 гола. Настапи на светското првенство во Франција во 1998 и на Европското првенство во Белгија и Холандија во 2000 година.
По пензионирањето во 2006 година, беше тренер на Катанија, Фиорентина, Болоња, Сампдорија, Милан и Торино. Беше селектор и на српската фудбалска репрезентација.
Михајловиќ беше роден во 1969 година во Вуковар во Хрватска, а кариерата ја почна во Борово.