Ахмети: Уставните измени ни го отвораат патот за влез во ЕУ
Измената на Уставот ни го отвора патот за влез во Европската Унија. Затоа, ова е момент на меѓународно легитимирање на нацијата на нашите сограѓани Македонци. Во спротивно, да не се остава простор за сомнежи и толкувања зошто не е прифатено бугарското малцинство во уставните измени, истакна претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на денешниот традиционален новогодишен коктел.
„Со оспорувањето и отворањето на овие дилеми, се разбира, овој пат станува покомплициран и потежок. Затоа, колку побргу се реши и ова прашање, толку побрзо и подобро е за државата и за нашата заедничка перспектива и иднина,“ истакна Ахмети.
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот
Според него, политизацијата на ова прашање во Бугарија е неразумна и претерана.
„ДУИ, но и сите албански политички партии никогаш не работеле на штета на своите македонски сограѓани. Ова е историски момент. Навистина ние имаме одвоени јазици и традиции, но ја имаме Македонија заедничка. Мораме сите да се трудиме да работиме за иднината на генерациите, бидејќи иднината сака обединување, иднината сака унифицирање околу прашања поврзани со интегритетот на државата, со суверенитетот, со сигурна иднина на генерациите, рече Ахмети.
Тој додаде дека владеењето на правото е неопходност што мора да стане функционално и дека таа одговорност не е само на ДУИ, туку на сите политички партии, граѓански здруженија, медиуми.
Лидерот на ДУИ потенцира дека има нерешени проблеми и има уште незавршена работа во регионот, посочувајќи дека мора да се затвори нашето прашање со Бугарија, како и да се решат нерешените проблеми, како што е оној меѓу Косово и Србија.