Османи уверен дека уставните измени ќе бидат донесени догодина
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска изрази уверување дека следната година ќе бидат донесени уставните измени, нагласувајќи оти нема ништо контроверзно во тоа Бугарите, Црногорците и Хрватите да се внесат во Уставот, а забелешките на одредени политички субјекти ги оцени како дневно-политички кореографии во обид да се добие плус некој политички поен. Османи потенцира дека следната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, кое е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот.
Уставните измени во март на собраниско мени?
Тој денеска на годишниот брифинг со медиумите истакна дека е крајно нечесно едно од најважните прашања за граѓаните – членството во ЕУ, да се става во дневно-политичките препукувања и додаде дека смета оди во текот на следната година тоа ќе го увидат сите политички актери. Во врска со можноста за нови блокади од страна на Бугарија и доколку дојде до промена на Уставот, Османи рече дека во документите кои ги потпишале и во рамката нема основа за тоа, но додаде дека не само Софија, туку и другите членки можат да не блокираат, доколку сакаат, со оглед на тоа што одлуките во ЕУ се носат со консензус. Тој додаде дека токму затоа во моментов се гради овој однос со Бугарија, со цел во иднина да не постои ниту еден аргумент за нови блокади.