ДУИ влезе во учебникот по албански, АА бара итно повлекување
Алијанса за Албанците денеска побара итно повлекување на учебникот по албански јазик за петто одделение, а заедно со него и „партискиот емисар именуван министер“.
Оваа реакција следува откако беше објавено дека во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.
Други скратеници кои се дадени како пример во учебникот се Република Северна Македонија (РСМ), Соединети Американски Држави (САД), Министерство за образование и наука (МОН) и Организација на Обединетите нации (ООН).
Партискиот портпарол на АА Наим Бајрами денеска оцени дека ова е пример за партизација и политизација на образованието.
Според него, ова е „скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда, за индоктринација на деца, слично како во времето на комунизмот и времето на другарот Тито и другарот Енвер“.
„Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија“, изјави Бајрами, нарекувајќи го притоа министерот за образование и наука Јетон Шаќири – „министер за уништување на образованието“.
Министерството за образование и наука (МОН) реагира дека доколку кој било граѓанин или здружение има забелешки во однос на содржината во некој од учебниците и сметаат дека таа е несоодветна, тоа може да го пријават до МОН, по што забелешките ќе бидат разгледани и ќе биде донесена соодветна одлука.