Отстранувањето на барикадите кај Рударе не е започнато
Сè уште не е започнато отстранувањето на барикадите на Рударе, ниту пак на луѓето од барикадите им било кажано кога ќе бидат отстранети, јави изутрината Радио телевизија Србија. Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека отстранувањето на барикадите на северот на Косово треба да започне денеска изутрина.
Договор со недоверба: отстранување на барикадите на северот на Косово
Зборувајќи пред јавноста доцна синоќа по средбата со претставници на Србите од северот на Косово во воената касарна „Стефан Немања“ во Рашка, Вучиќ рече дека „отстранувањето на барикадите не е лесно и тие не можат да се отстранат за два часа“. Во меѓувреме, како што јави порталот Косев, во пожар изгореле два камиона кои сочинуваа една од барикадите поставени на местото Дудин Крш кај Митровица. Причината за пожарот сè уште не е позната. Србите во изминатите 20 дена поставија барикади на најмалку 14 локации во општините на северот на Косово, а беше најавено дека денеска ќе почне нивното отстранување.