Српската полиција уапси 109 мигранти
„Меѓу пронајдените мигранти, откриени се две лица кои светската полиција ги бара за повеќе различни кривични дела“, соопштија од српската полиција.
Според информациите на Радио-телевизија на Србија (РТС), станува збор за генерали и офицери на авганистанската армија по кои Франција распиша меѓународна потерница за најтешки злосторства, вклучително и тероризам.
За оваа информација РСЕ не успеа да добие итна потврда од Министерството.
Од Министерството појаснуваат дека против нив ќе бидат преземени мерки согласно законот, додека мигрантите „кои не се од безбедносен интерес“ ќе бидат префрлени во прифатни центри.
Како што се наведува во соопштението, при акција на подрачјето на Радановачката шума, полицијата пронашла „автоматска пушка со две сродни рамки и муниција, како и помала количина марихуана“.
Истиот ден полицијата спроведе акција на засилена контрола на територијата на Хоргош, при што затекнала 93 мигранти кои, според соопштението. ќе бидат префрлени во прифатни центри.
Српската полиција на 25 ноември откри повеќе од 600 мигранти во близина на границата со Унгарија, по пукањето во Хоргош, во близина на српско-унгарската граница, во кое едно лице беше рането.
Западнобалканската рута низ Турција, Бугарија, Македонија и Србија е главната рута за мигрантите кон Европската унија, при што многумина користат сложени мрежи на шверцери кои понекогаш се вооружени.