Министерот Османи го осуди нападот на секретарот на клубот „Цар Борис Трети“
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, го осуди синоќешниот напад врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и побара институциите да го расчистат случајот, а напаѓачите да одговараат.
„Јас од вчера се занимавам со ова прашање и сум во комуникација со сите институции. Утринава имав можност да имам телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Сакам оваа можност да ја искористам остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои презеле физички напад поради етнички, културен идентитет на кој било државјанин на Република Северна Македонија. Колку што сум информиран напаѓачите веќе се идентификувани и се работи за да се изведат пред лицето на правдата“, рече Османи.
Тој најави и оти денеска ќе го посети нападнатиот кој синоќа заврши во охридската болница и порача дека нема да се дозволи никој да биде нападнат заради погледи и мислења.
Бугарското МНР, пак, веќе најави дека ќе ја повикаат амбасадорката Агнеса Руси Поповска за да врачат протестна нота за синоќешниот инцидент.
За инцидентот, МВР идентификуваше тројца напаѓачи и соопшти дека за случајот постапува во координација со јавен обвинител. По расчистување на нападот, најавија и пријави.