Ковачевски најавува забрана за влез во земјава на провокатори и негатори на македонскиот народ и држава
Сите што се недобронамерни, провокатори и го негираат македонскиот народ и држава, нема да влезат во државата, најави премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на утрешното чествување на Гоце Делчев, по повод 151-годишнината од неговото раѓање.
Тој апелираше на мирно и достојно чествување, при што посочи дека секој странски државјанин за кој МВР има информации дека е лице „коешто со влезот во државата може да ја наруши националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата“, нема да биде пропуштен во државата.
„Тие одлуки се носат согласно Закон за странци, согласно информациите со коишто располага МВР, се носат на денот на настанот и во деновите пред настанот. Можете да видите дека МВР уште од вчерашниот ден ги презема потребните активности“, рече Ковачевски.
Ваквите најави доаѓаат во време на затегнати односи меѓу Македонија и Бугарија, ден пред чествувањето на Делчев, кога бугарски групи најавија свое присуство на гробот на револуционерот во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде ќе биде одбележувањето.
Премиерот рече дека засега Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува на чествувањето.
Посочи дека согласно со заклучоците од Советот за безбедност кај претседателот на државата и согласно со одлуките на Владата, МВР е задолжено да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на, како што рече, најголемиот борец за независна македонска држава - Гоце Делчев.
Апелираше дека „сите треба да бидеме обединети, сите треба да бидеме горди и сите треба заедно да покажеме достојна почит на великанот на македонската револуционерна борба“ и дека „МВР и Владата тоа ќе го овозможат“.
Македонско-бугарски односи: Од најдобри пријатели до непријатели
Инаку, и двете држави сметаат дека Гоце Делчев е нивен револуционер. Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се затегнаа во 2020 година, кога Софија го стави двегодишното вето за македонските евроинтеграции. Причина за тоа, меѓу другото, беа и историските несогласувања.
Нова есклација имаше изминативе недели, кога група Бугари во Скопје, ја славеа Мара Бунева и скандираа дека Македонија е бугарска, а во Охрид беше претепан македонскиот Бугарин, Христијан Пендиков. Бугарските власти во инцидентот видоа злосторство од омраза и напад врз Бугарите во Македонија.