Нови дојави за бомби во 33 училишта во Скопје
Денеска околу 12.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронска адреса на 33 основни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Последните дојави за бомби во Скопје беа на 3 февруари. Претходно, дојави за поставени бомби беа кон крајот на минатата година кога беа евакуирани 20 училишта од кои 12 во Скопје и 8 во Куманово по новите закани за поставени бомби.
Од Министерството за внатрешни работи потоа изјавија дека по антитерористичките проверки било констатирано дека дојавите биле лажни. Првата лажна дојава за бомба на е- маил адреса пристигна на 26 октомври. На 9 октомври заканите освен кон училишта се проширија и кон јавни и приватни објекти како Транспортниот центар, трговските центри Ист Гејт и Бисер, зградата Флет Ајрон.