Македонските ученици затекнати во земјотресот во Турција се вратија во Македонија
Министерството за надворешни работи информира дека деветте државјани на Македонија, кои беа затекнати во дел подрачјата во Турција загрозени од последиците од земјотресот, изутрината пристигнаа во земјава и се во добра здравствена состојба. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваа во Турција. „По првичната медицинска санација на две лица кај кои беа констатирани повреди, групата беше упатена најпрво во Анкара, а потоа во Истанбул каде беше обезбедено сместување, дополнителна медицинска нега и одмор“, велат од Министерството.
Засега нема нови информации пристигнати до Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул за други македонски државјани кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција. Македонските претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба.