Тројца загинати во новиот силен земјотрес во Турција
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека три лица загинале, а повеќе од 200 се пренесени во болница по земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала што денеска го погоди пограничниот регион меѓу Турција и Сирија.
„Ние бевме информирани дека животот го загубија тројца наши сограѓани, еден во Антакија, еден во Дефне и еден во Самандаг. Досега 213 наши граѓани се префрлени во болници“, рече тој.
Како што претходно соопшти турската агенција за управување со катастрофи Афад, епицентарот на земјотресот бил во градот Дефне во провинцијата Хатај, а се случил во 18 часот и 4 минути по средноевропско време.
Земјотресот беше силно почувствуван од новинарите на АФП во Антиохија и Адана, 200 километри северно од епицентарот.
НТВ јави дека некои оштетени згради се урнале поради земјотресот.
Турската државна агенција Анадолија јави дека земјотресот се почувствувал во Сирија, Јордан, Израел и Египет.
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погодија југоисточна Турција на 6 февруари, проследени со дополнителни потреси кои беа почувствувани во десет провинции и соседни земји, вклучително и Сирија.
Во Турција загинаа повеќе од 41.000 луѓе.
Сириското Министерство за здравство тврди дека 1.414 лица починале на делови од територијата под контрола на сирискиот претседател Башар ал Асад, додека Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека бројката во целата земја е повеќе од 8.500.