Тројца македонски државјани загинаа во сообраќајна несреќа во Италија
Тројца македонски државјани синоќа загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Италија, потврди македонското Министерство за надворешни работи (МНР).
Сообраќајната несреќа се случила во градот Ница Монферато, во италијанската провинција Асти која е дел од регионот Пиемонт, при што загинале четворица луѓе, од кои за тројца било утврдено дека се државјани на на Република Северна Македонија, наведува МНР.
„Амбасадата во Рим, како и Генералниот конзулат во Венеција се во директен контакт со надлежните институции на Италија, од каде е добиена усна потврда за починатите наши државјани, како и за нивните податоци. Се работи за З.С. - 33 години од Македонска Каменица, А.К. - 31 година од селото Саса, како и В.И. – 30 години од село Пекљани, Виничко“, стои во соопштението на МНР.
Претставниците на Конзулатот и Амбасадата веќе се во контакт со дел од семејствата на починатите, и ќе бидат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Италија, велат од МНР.
„Иако поради велигденските празници комуникацијата со италијанските служби се одвива забавено, нашите дипломатски претставништва остануваат во комуникација со цел прибирање дополнителни информации за деталите околу сообраќајната несреќа, податоци за починатите, како и во делот на обезбедување писмена потврда за сите детали од несреќата“, наведува МНР.
Во соопштението се додава дека на располагање се дежурните телефони на - Генералниот конзулат во Венеција +39 327 935 1698, Амбасадата во Рим +39 351 336 3919, како и СОС телефонот на Министерството за надворешни работи 075 273 732.