ССМ: Првомајскиот протест е единствен начин власта да го слушне гласот на работникот
Сојузот на синдкатите на Македонија (ССМ) на Денот на трудот - 1 Мај ќе организира првомајски протест под мотото „Работниците се државата“.
Протестот, што ќе почне во 12 часот пред зградата на ССМ, се организира поради неправдите кон работниците, објаснуваат од ССМ.
„Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2 000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството!“, порачува ССМ во повикот за учество на протестот.
Од ССМ потенцираат дека власта без срам и чувство за одговорност ги убедува работниците дека за пораст на платите треба да се почека и сето тоа да оди постепено и бавно.
Според ССМ, првомајскиот протест е единствен начин власта да го слушне гласот на сите, работниците и граѓаните, затоа што, како што стои во повикот, продолжува практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите и носителите на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот туку единствено и исклучиво работат за своите интереси.
Од ССМ додаваат дека протестите ќе продолжат со засилено темпо и по 1 Мај.