Ковачевски - Не се на товар на Буџетот приватните патувања на моето семејство
Премиерот Димитар Ковачевски на 11 мај изјави дека приватните патувања на членовите на неговото семејство никогаш не биле на товар на Буџетот на Република Северна Македонија. Тој одговараше на прашањето дали на товар на државата во Соединетите Американски Држави (САД), патувал и неговиот син.
Ковачевски заедно со владин тим, но и со неговото семејство од 2 до 10 мај беше во посета на САД.
„На патувањата кои одам, зависно од поканата и од протоколот, како што е случајот и со други претставници на власта, сум придружуван од мојата сопруга, зависно од тоа дали има покана и настан на кој ќе присуствува, а приватните патувања на кои патуваат другите членови на моето семејство никогаш не биле на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почеток на новата инвестиција на компанијата „Магна“ во Штип.
Доколку е потребно, рече Ковачевски, за секое нивно патување ќе и доставувам сметки на јавноста но сметам дека тоа е беспредметно.