Косово бара акција на МОК против Ѓоковиќ
Косовскиот олимписки комитет побара од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да отвори дисциплинска постапка против српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по неговата порака за Косово за време на турнирот во Ролан Гарос.
Од МОК засега не реагираат.
Истовремено, француската министерка за спорт денеска го оцени како непримерен, „милитантен и многу политички“ чинот на Ѓоковиќ по мечот на Ролан Гарос во Париз, во кој се наведува дека „Косово е срцето на Србија“.
По победата во првиот круг на Ролан Гарос, Ѓоковиќ на камерата ја напиша пораката „Косово е срцето на Србија, престанете со насилството“.
„Јас не сум политичар, но како Србин, тоа што се случува на Косово ме боли, нашите луѓе се избркани од општините. Ова е најмалку што можев да направам. Како јавна личност, чувствувам обврска да покажам поддршка за нашите народот и цела Србија. Мислам дека многу луѓе не знаат што носи иднината за Косово, но важно е да се покаже хармонија во вакви ситуации“, рече потоа Ѓоковиќ.
Претседателот на олимпискиот комитет на Косово, Исмет Красниќи изјави дека „Новак Ѓоковиќ уште еднаш ја промовираше српската националистичка пропаганда и го искористи спортот како платформа за тоа“.