Петнаесет години затвор за поранешните шефови на тајната полиција на Милошевиќ
Поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, се осудени на по 15 години затвор.
Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови во Хаг донесе правосилна пресуда со која ги прогласи за виновни за злосторствата во Бјелина, Зворник, Добој, Трново и Сански Мост.
Со ова дел од жалбата на Обвинителството беше прифатена.
На 30 јуни 2021 година, во повторен судски процес, Станишиќ и Симатовиќ првостепено беа осудени на по 12 години затвор за злосторства во Босански Шамац, за помагање и поттикнување на прогон, убиства, депортирање и присилно преселување на муслимани и Хрвати од овој мал град на северот на Босна и Херцеговина, во пролетта 1992 година.
Утврдено е дека злосторствата во таа општина ги извршила специјалната единица на српските сили „Црвени беретки“, која била под контрола на Станишиќ и Симатовиќ.
За време на изрекувањето на пресудата на Станишиќ и Симатовиќ, судот ги опиша злосторствата извршени на територијата на Босански Шамац, откако таа беше окупирана од српските сили, вклучително и паравоени формации, во април 1992 година.
Во жалбата против првостепената пресуда, изречена во повторената постапка, обвинителството побара Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ да бидат осудени за здружен злосторнички потфат во кој беа поранешниот претседател Слободан Милошевиќ и други високи функционери на Србија. вклучени.
Беше побарано и тие да бидат осудени за злосторства извршени, не само на територијата на Босна и Херцеговина, туку и во Хрватска, за време на војните во раните 1990-ти. Освен тоа, обвинителството побара поранешните шефови на СДБ на Србија да бидат осудени за злосторства во други општини во БиХ, за кои претходно беа ослободени, а не само за злосторствата во Босански Шамац.
Ставот на Обвинителството е Станишиќ и Симатовиќ да бидат осудени на многу подолга затворска казна.
Судењето на Станишиќ и Симатовиќ беше повторено, бидејќи апелационите судии во второстепената пресуда во првото судење го наведоа концептот на „конкретна насоченост“ во пресудата, што судот го нарече „измислица во меѓународното право“.
Во првото судење, Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени со второстепена пресуда во 2013 година, по што судот нареди повторување на постапката. Постапката против Станишиќ и Симатовиќ беше последна во која судиите на Механизмот ја утврдија одговорноста на Србија за воените злосторства во Хрватска и Босна и Херцеговина. Тоа е и најдолгата постапка во Хашкиот трибунал.