ОН, СЕ и ОБСЕ: Криминализацијата на клеветата е спротивно на обврските на Босна и Херцеговина
„Овој чекор е против меѓународните обврски на БиХ во областа на човековите права и не е во согласност со европскиот пат на Босна и Херцеговина ниту со 14-те клучни приоритети од Мислењето на Европската комисија.
Ова е наведено во заедничката изјава потпишана од Обединетите нации (ОН), Европската организација за безбедност и соработка (ОБСЕ), Советот на Европа (СЕ) и делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Босна и Херцеговина, откако Собранието на Република Српска (РС) ги усвои измените во Кривичниот законик со кои повторно се криминализира клеветата.
Во текстот на законот клевета се нарекува изнесување злонамерни или невистинити изјави за некое лице.
Овие организации посочуваат дека ова е голем чекор назад во заштитата на основните права и дека се нарушува ефективно функционирање на демократијата во Република Српска.
„Онаму каде што постојат кривични закони за клевета, тие ризикуваат да бидат злоупотребени против новинари, бранители на човековите права и други чинители на граѓанското општество за извршување на нивната легитимна улога на истрага и информирање на јавноста за прашања од јавен интерес, што е од суштинско значење за функционирањето на секое демократско општество“, се додава во заедничката изјава.
Покрај ова, се потсетува и на препораките дадени од органите на Обединетите Нации, ОБСЕ и Советот на Европа, како и механизмите за човекови права, наместо да се криминализира клеветата, да се работи на подобрена регулација и заштита на медиумите во рамките на граѓанското право.
Законот беше усвоен и покрај неколкумесечните предупредувања од новинари и активисти дека претставува напад на слободата на мислењето и чекор кон воведување цензура во РС.
На 23 март, Националното собрание на РС ги прифати законските измени во форма на нацрт, на иницијатива на Милорад Додик, претседателот на РС и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД).
Јавните расправи што следеа, новинарите во знак на протест ги напуштаа.
Во финалниот предлог на законот казните за клевета се намалени во однос на нацртот и изнесуваат од 1 000 до 3000 евра. Според предлог-законот, казните биле и до 60 000 евра.
Повисоки казни се пропишуваат во ситуации кога клеветата била презентирана во медиумите, вклучително и социјалните мрежи или на јавен состанок.