Горан Цеков е отповикан од функцијата амбасадор во Јапонија
Северна Македонија го повлекува амбасадорот во Јапонија, Горан Цеков, поради како што се наведува во образложението од Министерството за надворешни работи „незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата“.
„Согласно законските надлежности и интерните процедури, Комисиjата во рамките на Министерството за надворешни работи му препорача на ресорниот министер да ѝ предложи на Владата повлекување на досегашниот амбасадор на Република Северна Македонија во Јапонија, врз основа на член 3 од Уредбата за утврдување на работи кои се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот“, велат од МНР.
Владата го прифатила предлогот на министерот за отповикување на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Северна Македонија во Јапонија, по што, претседателот на државата го потпишал указот за отповикување.
Горан Цеков официјално ја презеде функцијата амбасадор на Северна Македонија во Јапонија во средината на јули 2021 година. Цеков е вториот македонски амбасадор во Јапонија, првата беше Андријана Цветковиќ.