Лицето кој избоде бугарски навивач во Чаир е во бегство, четворица други се приведени
Основното јавно обвинителство - Скопје до Кривичниот суд денеска поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против четири лица за кои е поведена постапка за учество во инцидентот кај трговскиот центар „Чаирчанка“. Меѓу нив не е лицето кое со нож повреди бугарски државјанин.
Според ОЈО Скопје, постои основано сомнение дека лицата на возраст од 28 до 32 години учествувале во физичка пресметка со навивачи на бугарскиот фудбалски клуб „Левски“ со што сториле кривично дело насилство.
„Имајќи ги предвид сите околности на настанот, кој беше предизвикан кога бугарските навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка” и најпрвин влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, а потоа ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти, јавниот обвинител за осомничените предложи неколку мерки на претпазливост: обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патните исправи, како и забрана за посетување на определено место – спортски натпревари“, велат од ОЈО Скопје.
Од таму посочуваат дека лицето за кое постои сомнение дека е директно одговорно за нанесување на тешката телесна повреда на бугарскиот државјанин е идентификувано, но, не е лишено од слобода и по него се трага.
Полициски службеници вчера ги лишија од слобода четирите лица поради насилство извршено врз навивачи на бугарскиот фудбалски клуб Левски.
Како што соопшти МВР, на 27 јули на ул. Цветан Димов, додека навивачите на ФК Левски се движеле со возила со развиорени навивачки знамиња, дошло до вербална расправија, по што тие излегле од возилата и настанала физичка пресметка. Еден од навивачите на ФК Левски откако се вратил во автомобилот, во движење бил повреден со остар предмет.
Четворица кои биле приведени на возраст од 28 до 32 години, добија кривични пријави. Тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Резултатскиот епилог на фудбалскиот натпревар меѓу скопски Шкупи и софиски Левски помина во сенка на насилствата кои се случија пред почетокот на квалификацискиот меч за Конференциската лига на Европа.
Овој меч УЕФА претходно го означи како високоризичен. Насилствата кои се случија во Скопје пред почетокот на натпреварот меѓу Шкупи и Левски се во фокусот на известување и на бугарските медиуми.