Лазарини: Системот за помош на Појасот Газа е осуден на неуспех
Сегашниот систем на обезбедување помош за Појасот Газа преку граничниот премин Рафах е осуден на неуспех, предупреди директорот на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини.
„Сегашниот систем за помош на Газа е осуден на неуспех, освен ако не постои политичка волја да се осигури дека протокот на помош е значителен, сразмерен на невидените хуманитарни потреби“, наведе Лазарини.
Тој го осуди „колективното казнување“ од страна на Израел.
„Да бидеме јасни, неколкуте конвои дозволени низ Рафах не се ништо во споредба со потребите на повеќе од два милиона луѓе заробени во Газа“, посочи Лазарини.
Тој повика на „итен хуманитарен прекин на огнот, што е прашање на живот и смрт за милиони луѓе“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пак изјави дека сака јасно да ја каже позицијата на Израел за прекинот на огнот.
„Како што САД не би се согласиле на прекин на огнот по бомбардирањето на Перл Харбор или по терористичкиот напад на 11 септември, Израел нема да се согласи на прекин на непријателствата со Хамас по ужасните напади на 7 октомври“, изјави израелскиот премиер за Би-Би-Си.