Мицкоски: Власта ќе носи нов закон за заштита на деловни тајни, поврзан со коридорите 8 и 10 Д
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека е информиран оти власта подготвува нов закон со кој се заштитуваат деловните тајни, но се уште го нема добиено. Тој смета дека овој закон е поврзан со проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10Д.
„Мислам дека тоа е поврзано со еден проект, за којшто велеа дека е деловна тајна, а ние велевме дека не е деловна тајна, а тоа е проектот за изградба на делниците 8 и 10 Д. Таму се фатени буквално во сериозен криминал и сега се трудат сето тоа како да го покријат и претпоставувам во ова брзање ќе донесат таков закон“, вели Мицкоски.
Ваков закон, дополни тој, „нема така да помине, доколку не е злоупотребено европското знаменце“.
„Ако го злоупотребат повторно европското знаменце, тогаш со промената следната влада има сериозна намера сето тоа да го корегира“, истакна Мицкоски по посетата на Општина Лозово.
Од СДСМ пак, засега нема одговор на ваквите обвинувања на Мицкоски.