Израел во Косово ќе го игра првиот фудбалски натпревар од почетокот на војната
Фудбалерите на Израел на 12 ноември во Приштина, Косово, пред публика ќе одиграат натпревар против репрезентацијата на Косово.
Двата тима ќе се соочат на стадионот „Фадил Вокри“, кој има капацитет од 14 000 гледачи и ова ќе биде прв натпревар за израелските фудбалери од почетокот на војната помеѓу Израел и милитантната група Хамас.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Косово (ФФК) Агим Адеми за Радио Слободна Европа потврди дека натпреварот ќе биде пред публика на трибините.
„По состанокот со УЕФА (Европската фудбалска федерација), донесена е одлука натпреварот да се одигра пред навивачи“, вели Адеми.
Во Косово, каде живее мнозинско муслиманско население, досега беа одржани два протести за поддршка на Палестина во Приштина и еден во Призрен, а беше оддадена и почит на жртвите во Израел.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз, Адеми, додаде дека ќе бидат преземени сите мерки предвидени со правилникот на УЕФА со цел да не дојде до инциденти за време на натпреварот.
Според прописите на УЕФА, за успешно реализирање на настанот ќе биде одговорен косовскиот Фудбалски сојуз. Во случај на какви било инциденти со политички пораки истакнати на трибините, Косово би било казнето.
Правилата на УЕФА предвидуваат дека за истакнување политички и расистички пораки, казните може да бидат парични, но и кратење на бодови и исклучување од натпреварувањата. Тоа веќе се случи со Романија која беше казнета со 52 000 евра и од УЕФА беше „осудена“ да одигра еден натпревар без навивачи. Причината за казната беше што на натпреварот против Косово на 12 септември беше истакнат транспарент „Косово е Србија“, а имаше и расистички скандирања.
Соочувањето Косово-Израел е во рамки на групните разигрувања во квалификации за Европското првенство 2024 година. Во иста група со двете репрезентации се и Романија, Швајцарија, Белорусија и Андора. Првично, натпреварот беше закажан за 15 октомври, но поради војната на Блискиот исток беше одложена.
Судирот меѓу Израел и Хамас, започна откако милитантната група, која САД и неколку други сили ја прогласија за терористичка организација, на 7 октомври го нападна Израел убивајќи повеќе од 1 400 лица и земајќи над 200 заложници.
Израел на тоа одговорни со воена кампања над појасот Газа.
Бројот на убиени Палестинци во оваа енклава, според тврдењата на Министерството за здравство управувано од Хамас, надмина 10 000.