Поделени најголемиот дел од ваучерите за инвертер клими
Претходно денеска, кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје можеа да се забележат долги редици од граѓани како чекаат за да го подигнат ваучерот.
„Во рамки на процесот на доделување до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75 отсто од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици“ велат од Министерството.
За ваучери аплицираа над 18.000 граѓани, а вкупно се предвидени само 6.182 ваучери. Граѓаните кои ги добија, можат да ги искористат најдоцна до 30 ноември.
Покрај во спортскиот центар „Борис Трајковски“, ваучерите се делеа и на други 30 локации низ државата.
„Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“, потенцираат од Министерството.
Министерката за енергетика Сања Божиновска претходно во изјава за медиумите рече дека е овозможена дополнителна флексибилност за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Таа твдеше и дека ова е најдобар начин на доделување на ваучерите бидејќи граѓаните добитници треба да потпишат и договор, па ќе се изгуби многу време доколку се препраќа преку пошта.
Ваучерите се делеа преку два јавни повици – едниот за ранливи категории граѓани, а другиот за енергетска ефикасност. Повиците беа распишани уште во февруари и предизвикаа голем интерес кај граѓаните. Процесот го започна Министерството за економија, а доделувањето сега го организира новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Дел од граѓаните претходно, како што пишуваше и Радио Слободна Европа, реагираа дека се доцни со доделувањето на ваучерите. Делумно, застојот се должеше и на реорганизацијата на министерствата со која надлежноста за ваучерите се префрли од секторот економија во Министерството за енергетика.
Во Северна Македонија изминатите неколку години се спроведуваа проекти и од централната власт, но и во дел од општините, во рамки на кои се доделуваа субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.