Османи стои на располагање на СЈО и чека побрза истрага
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи вечерва преку соопштение испратено од Секретаријатот за европски прашања реагираше на информацијата за истрагата на Специјалното јавно обвинителство за него. Во соопштението се наведува дека информацијата за отворената истрага од страна на СЈО, иако уште претходно како шпекулација ја имал слушнато и прочитано во медиумите, сепак претставувала изненадување за него , особено спомнувањето на негово име во контекст на евентуални злоупотреби.
“Поведената истрага ја сметам за нормална, коректна и професионална обврска на Обвинителството и во таа насока стојам на располагање и на Специјалното Јавно Обвинителство и на било кој друг правосуден орган во земјава, за соработка во интерес на идентификување на целосната фактичка состојба. Сакам да потенцирам дека немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрага, а со цел да се утврди вистината - дека ниту сум влијаел, ниту сум можел да влијаам, а ниту сум можел да бидам запознаен со евентуална злоупотреба, секако, доколку таква постоела” се наведува во соопштението.
Претходно СЈО соопшти дека отвориле шест нови истраги. Во една од нив, именувана “Пациент” обвинителството наведува декапостои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ државата. Во истрагата се вклучени 15 лица, меѓу кои и еден поранешен министер за здравство, информираат од СЈО.
„Постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија”, наведоа од СЈО.