„Тенк“ продлжува в петок, одбиени сите приговори на одбраната
Судечкиот совет ги одби сите приговори на одбраната во случајот „Тенк“, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „Мерцедес“ од 600 илјади евра.
Обвинетите нема да ги добијат прислушуваните материјали во аудио форма и тие во овој предмет ќе се користат како докази.
Одбиен е и приговор на адвокатката Сања Алексиќ, која ги оспори двете вештачења предложени од СЈО, а се на нивната листа на докази, со образложение дека вештаците немале валидни сертификати или им биле со изминат рок, а не им биле продолжени.
Станува збор за економско-финансиско вештачење и сообраќајно технички вештачења за набавка на „Мерцедесот“.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која е една од обвинетите за случајот „Тенк“ на денешното рочиште рече дека кај неа како обвинета постои сомнеж за објективноста на изработените две вештачења за набавениот „Мерцедес“.
Судот го прифати барањето на одбраната на Груевски утре да нема рочиште за „Тенк“, иако беше веќе закажано, за да може да се подготви за друго судење, а следното рочиште го закажа за в петок.