Турција ја преименува улицата пред амбасадата на САД во Анкара
Градоначалникот на главниот град на Турција, Анкара, денеска соопшти дека одобрил улицата пред американската амбасада да се преименува во „Маслиново гранче“, како што е наречена операцијата на турската армија против курдските борци во северна Сирија. Улицата сега се вика Авенија Невзат Тендоган.
Анкара е незадоволна од сојузот меѓу САД и сириските Курди против кои е насочена турската офанзива. Турскиот претседател Реџеп Траип Ердоган вети дека ќе ги збрише курдските милитанти од границата со Турција, чекор што може да доведе до конфронтација со американските сили во северна Сирија. Предлогот се преименување денеска ќе им биде доставен на градските советници и се очекува да биде усвоен во пресрет на посетата на американскиот државен секретар, кој треба да ја посети Анкара в четврток.
Градоначалникот на Анкара исто така нареди улицата пред Мисијата на Обединетите Арапски Емирати да се преименува според поранешен отомански гувернер на Медина, по конфликтот меѓу двете земји за состојбата на светиот град за време на отоманската власт.