Цветковски – Ефектите од мојата работа ќе се почувствуваат набрзо
Директорот на МРТВ Марјан Цветковски, кој беше реизбран за трет тригодишен мандат, за Радио Слободна Европа вели дека одлучил повторно да се кандидира за да ги заокружи „започнатите процеси и реформи кои ќе значат издигнување на националниот сервис на повисоко квалитативно ниво“. Посочува дека ефектите од тие процеси ќе започнат да се чувствуваат набрзо и да имаат позитивна рефлексија.
Во писмениот допис што ни го прати, нема одговор на нашето прашање дали очекува да го истера мандатот до крај со оглед на владините најави дека ќе биде разрешен наскоро, по донесувањето на измените на законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги. Вели дека започнал голем број процеси во МРТВ и оти има план и стратегија за наредниот период во кој ќе се почитува „улогата на МРТ како промотор на државните, европските и евроатлантските вредности“.