Заев: Прославата е вредна, трошоците ќе ги кажеме, опозицијата да не сее омраза
Прославата по повод поканата од НАТО, што ќе се одржи во 15 градови, според премиерот Зоран Заев, е многу вредна, бидејќи ја одбележува децениската аспирација на Македонија.
„Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните, а не со автобуси да ги носиме граѓаните да прославуваат. Секако секој има право да има свој став, Прославата се организира со одлука на Влада, концептот значи децентрализација, различна и квалитетна музика во многу градови, богата културна програма“, вели Заев.
Премиерот додава дека програма е колку две театарски престави што ги финансира државата.
„Трошоците се од буџетот, појасни премиерот, а вклучуваат ставки за бина, озвучување, осветлување, надомест за музичарите, промоција... Службите за односи со јавност веднаш ќе ја објават висината на трошоците откако ќе ги имаат целосните информации од сите субјекти кои се вклучени во настанот, кој е поддржан и од локалните власти на овие 15 градови, пред се, со организациска и логистичка помош“, рече премиерот.
Тој побара од опозицијата „да престане да сее омраза пред демократското мнозинство во Македонија“.
„Македонија заслужи да прослави, затоа ја повикувам опозицијата да им честита на граѓаните и да престане да врши притисок врз музичарите кои на најтранспрентен ичесен начин учествуваат во прославата. Опозицијата треба да се одважи и да ја поддржи македонската иднина и да се откаже од сеење омраза, затоа што дури и музичарите и групите низ Македонија се граѓани кои ќе го соопштат својот став на самиот референдум“, порача Заев.