Хан: Не ја загрозувајте иднината на Македонија со дневни политики
Еврокомесарот Јоханес Хан, во интервју за Еуроактив Германија, вели дека е задоволен од стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и дека најголем напредок во однос на претходната година забележала Македонија, но и дека останатите од регионот напредувале повеќе од претходно.
„Прво и најважно, Поранешната Југословенска Република Македонија, која ја надмина длабоката политичка криза со демократски средства. Земјата постигна значителен напредок во спроведувањето на договорот од Пржино и реформските приоритети на новата, про-реформска и проевропска влада. Особено значајни се напорите на Владата на премиерот Заев за добрососедски односи. По договорот за пријателство со Бугарија, конечно, по 27 години залудни напори со посредство на ОН, спорот за името помеѓу Скопје и Атина е решен. Овој историски договор претставува значаен чекор кон реализација на евроатлантската перспектива на земјата“, вели Хан на прашањето која земја од Западен Балкан постигнала најголем напредок во изминатата година.
Сега, додава тој, за Македонија е важно да има и успешен референдум.
„Поради тоа, ги повикувам сите политички фактори конструктивно да работат за да ја постигнат оваа цел, а не да го загрозат напредокот поради дневна политика. Се работи за иднината на земјата, поради што референдумот за договорот со Грција и новото име треба да се спроведе што е можно поскоро. Ратификацијата и успешниот референдум се суштински чекори на патот кон членство во НАТО и ЕУ“, вели Хан.