Врховен суд го укина куќниот притвор за Камчев, Панделески и Јосифовиќ
Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска му го укина куќниот притвор на Јордан Камчев, сопственик на „Орка холдинг“, кој е првоосомничен во предметот „Империја“. Од куќен притвор излегуваат и Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделески, бизнис-партнер во „Пелистерка“ и управител на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Ова попладнево на својата интернет страница го објави Врховниот суд.
Во одлуката за укинувањето на мерката притвор за Камчев, Врховниот суд наведува дека според член 22 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите СкопјеЈавниот може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.
“Во оваа смисла, Врховниот суд на Република Северна Македонија смета дека одредбата по однос на временскиот лимит за преземање на истражни дејствија и покренување обвинение од член 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, треба да се толкува во корист на обвинетиот што недвосмислено произлегува од неспорното Правно начело in dubio pro reo, цврсто востановено во казненото право и Меѓународното право за човековите права, што не навлегува во повреда на принципот владеење на правото”, се наведува во соопштението.
Инаку во случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство кривично се гонат вкупно 13 лица, меѓу кои Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Сите се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.