„Стандард енд пурс“ - Решението на името може да го забрза економскиот раст
Aгенцијата „Стандард енд пурс“ (Standard and Poor’s) соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Северна Македонија ББ-, со стабилен изглед. Според извештајот, решавањето на спорот со името е круцијален позитивен чекор, и ги отвора вратите за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ во текот на 2019 година, што би можело да ги забрза структурните реформи.
Според кредитната агенција, враќањето на политичката стабилност било значајно за забрзување на динамиката на економскиот раст. Се очекува дека растот во наредните три години ќе изнесува околу три проценти во просек. Од друга страна, негативните ризици се од екстерна природа, и произлегуваат од забавувањето на растот во Европа, како и од царините на САД за увозот на коли.
Извештајот ја оценува како позитивна неодамнешната пензиска реформа, а ги нотира и реформите во управувањето со јавните финансии. Standard and Poor’s го оценува јавниот долг на Македонија
како умерен во глобален контекст. После подолг период на раст во минатото, се оценува дека долгот постепено ќе се стабилизира, и ќе изнесува 48,7 проценти од БДП во 2021-2022 година (државниот долг и долгот на ЈПДП), соопшти Министерството за финансии.
„Стандард енд пурс“ наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку навременото имплементирање на реформите ја зајакне институционалната поставеност и ги подобри економските изгледи. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може
да влијае враќањето на политичките тензии или забавувањето на темпото на реформи.