Претреси за случајот „Рекет“, одземени компјутери, оружје и брендирана стока
ОЈО денеска соопшти дека персонални компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, оружје и муниција, како и поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела, се одземени при претресите со цел обезбедување материјални докази поврзани со осомничените во случајот „Примање награда за противзаконито влијание“, познат во јавноста како „Рекет“.
Од ОЈО информираат и дека извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски, како и во станот каде што престојувал и во просторијата што ја користел во едно правно лице, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, бизнисменот Зоран Милевски-Кичеец, како и во возилата што ги управувале.
Обвинителството посочува и дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот.