Мета подготвен за оставка само ако го замени Мејдани
Албанскиот претседателот Илир Мета на попладневната прес конференција изјави дека е подготвен да даде оставка од функцијата доколку тоа од него го побара премиерот Еди Рама, но под услов на негово место да дојде Реџеп Мејдани. Унверзитетскиот професор Мејдани (75), беше шеф на албанската држава во периодот 1997 до 2002 година.
„Доколку побара премиерот, јас сум подготвен да се откажам од функцијата Претседател на државата и да се кандидирам за претседател на 13 октомври, но само под услов во оваа канцеларија да дојде лице со интегритет кој бил во оваа канцеларија и докажал дека заштитата на националниот интерес е пред се, како што е професорот Мејдани. Тој е човек кој неколкуте прашања ќе ги брани подобро и од мене“, рече Мета.
Тој е со став дека ако изборите не се одржат на 13 октомври, според неговата последна уредба, тогаш, според него, Албанија нема шанси да отвори преговори со Европската унија. Мета ги повика страните да не се преправаат дека не гледаат дека кризата се продлабочува, да седнат и погледот да го насочат на 18 октомври, кога ќе се процени дали ќе се отворат преговори со Албанија.