Падна италијанската Влада, премиерот Конте поднесе оставка
Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска пред италијанскиот Сенат поднесе оставка, откако десничарската Лига, предводена од министерот за внатрешни работи Матео Салвини, одлучи да ѝ ја ускрати поддршката на владата. Со тоа Конте го спречи гласањето за доверба на владата, кое се очекуваше денеска, 12 дена откако Салвини, кој е и заменик премиер го побара тоа.
Пред објавувањето на оставката, Конте рече дека одлуката на Салвини „има големи последици за земјата и за нејзината економија“.
Оставката на Конте нема автоматски да предизвика предвремени парламентарни избори. Претседателот Серџо Матарела може да побара од него да се обиде да формира друго мнозинство во парламентот или да најде некој друг лидер кој би можел да формира нова владејачка коалиција, без распишување избори.
Ако не биде можно формирање нова коалиција, Матарела може да го распушти Парламентот и да распише избори, кои најрано може да бидат одржани во октомври.
Партијата Лига на Салвини бара предвремени избори, а тоа го поддржуваат и партијата Напред Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони и крајно десничарската партија Браќа на Италија.
Досегашниот коалиционен партнер на Лига, Движењето пед ѕвездички, наводно преговара за формирање нова влада со опозициската Демократска партија од левиот центар. Ако тие разговори бидат успешни, Лигата на Салвини може да замине во опозиција, наведува Политико.