Заев: Има држави со свои аргументи, ама јас сум оптимист за датумот
Будно следиме што се случува. На неколку дена сме од историската одлука. Оптимист сум дека ќе добиеме одлука за почеток на преговорите, изјави премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања по конференцијата во МНР на тема „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“.
Тој додаде дека му е познато оти некои земји членки имаат, како што рече, свои аргументации внатре, кои најчесто не се поврзани со нас.
„Дебатата што ја води Франција на пример за реформите и иднината на ЕУ. Ние ги почитуваме тие дебати и веруваме дека можеме да помогнеме и придонесеме. Свесни сме дека во заклучоците покрај одлуката за почеток на преговорите, ќе има и одредби за имплементација на договорите со Бугарија и со Грција. Тоа е логично и очекувано. Покрај целата оваа дебата јас останувам позитивен и оптимист дека имаме конечно одлука за почеток на преговорите“, истакна премиерот Зоран Заев.